ТАЈНАТА НА СФИНГАТА и учењето базирано на ЉУБОПИТНОСТ

Кога јас го засакав читањето и зошто станав ЉУБОПИТНА учителка? 

Мислам дека бев ученичка во трето одделение, кога во нашето училиште стигна понуда за книгата по име “Илјада зошто, илјада затоа“. Книгата беше прилично скапа за тоа време и доаѓаше со подарок, некакво пластично семафорче. 
Долго време, дури и години после тоа, најпрвин ги мирисав страниците на книгата, а да бидам искрена, таа навика за мирисање на страниците на нова купена книга ми остана и ден денес. Тоа го правам дури и кога ќе купам дневен весник и никогаш не сфатив зошто...Едноставно го сакам мирисот на книгата и тоа е тоа... 
Како и секое дете првиот пат само ја разгледав онака без ред, вртејќи низ страниците, бескрајно љубопитна.
Еден од насловите ми остави најсилен впечаток од сите други наслови во книгата и токму од тој наслов започна се...
ТАЈНАТА НА СФИНГАТА
Да драги мои, зборот ТАЈНА беше магичен збор кој мене ме натера да читам, ме натера да истражувам, да прашувам, да сфатам дека читањето и истражувањето можат да бидат интересни исто колку и игрите, прошетките и друштвото. До тој миг читањето ми одеше одлично, но не можам да лажам дека уживав во него...Ги читав лектирите затоа што требаше... и тоа беше тоа. Позајмував и книги од библиотеката затоа што сакав да бидам од оние кои читаат....но моето вистинско читање започна токму во овој миг.

И зборот СФИНГА ме привлече необично силно. Сакав да откријам што е тоа, иако имав прилика да погледнам само една црно-бела сликичка во книгата, која за почеток доволно насочуваше, а сепак силно подгреваше љубопитност.
Текстот беше краток... го читав многу пати... како да си мислев дека во меѓувреме низ него се „родиле“ нови информации, затоа што бев „жедна“ да читам за таа некаква тајна. Во тоа време немаше интернет од каде би можела да најдам видео материјал или дополнителни информации, а чувствував силна потреба да откријам многу повеќе од напишаното.   

Сега е сосема поинаку, интеренетот е достапен 24/7... но сепак, што забележувам како родител? 
Нашите деца го користат... но најчесто за игри, комуникација и споделување на фотографии преку социјалните мрежи... 
Современото дете треба да биде „предизвикувано“ да открива колку многу „тајни“ крие интернетот (со оглед на тоа колку време поминува во негово „друштво“) а ние возрасните, сме тука токму за таа цел, заедно со темите кои будат предизвик да бидат истражувани. 
Затоа секогаш ги сакам тајните...Затоа ја сакам љуопитноста. Токму затоа сакам да ја поттикнувам, да ја предизвикувам, да ја одржувам кај себе си, да ја будам кај дечињата наоколу, редовно, без изговор, независно од нивната возраст. Дури и дел од нашите вежби за почетно читање и читање со разбирање се богати со предизвици, со теми кои будат интерес, откриваат тајни, водат во необични светови и „очекуваат“ да ја прочиташ и разбереш задачата, за да креираш нешто креативно за спомен, или за игра. Тука се и моите ЛИЧНИ ПРИКАЗНИ, мои доживувања, спомени и семејни анегдоти споделувани со љубопитните дечиња... а наставните цели... искусниот наставник умее соодветно да ги „линкува“ каде и да посака.

И невролошките студии веќе покажеле дека љубопитноста ги прави нашите мозоци поприемливи за учење и дека така учиме, но и уживаме во чувството на учење. Љубопитноста го прави учењето поефикасно и пријатно, велат научниците. Љубопитните ученици не само што поставуваат прашања, туку и активно ги бараат одговорите.

Затоа ајде да бидеме љубопитни. Биди и ти омилен пријател кој за време на прошетките знае да раскаже легенди, тајни, случки, поврзани со ликови и места.Татко ми на пример... не постои тема на која нема одговор... Никогаш нема да заборавам колку ми беше интересно секое наше семејно патување, па макар и обично паување низ најблискиот регион, затоа што секогаш ни раскажуваше, за нас нови тајни... Знае како се вика таа и таа пештера, какви легенди се поврзани со неа... Знае за ѕвездите, за почвата, за карпите, за магнетите... Навистина мислам дека не постои тема на која би замолчил, или би ја избегал. Ако сакаме да бидеме интересни родители-хеорои, тогаш мора да бидеме љубопитни. Да истражуваме, да откриваме и да бидеме пример кој ќе го следат нашите деца „маѓепасни“ од нашите „тајни“.
Ако сакаме детето да вежба читање од срце- Нема да го задолжуваме да чита еден ист текст од букварот и да го потсетуваме дека тие вежби му се неопходни за добра оценка по читање... Ќе го насочиме да чита за да истражува и ќе истражуваме заедно со него. Така ќе сфати дека читањето е потреба.

Често ми се случувало некој да ми каже „Да, интересна ви е активноста со КАМЕНКОВЦИ, но тоа го нема во наставната програма...Интересно е што сте учеле за СОЛАРНА ЕНЕРГИЈА со првачиња, но тоа не е поврзано со наставни цели?... и слично.
Сега верувам дека сите полека стануваме свесни за тоа дека реализацијата на целите не мора да биде врзана за примерот запишан во учебникот, нели? Дечињата во нашите училници не се повеќе НИЕ во времето кога сме биле на нивна возраст. Темите кои нам ни биле интересни често можат да бидат здодевни за современото дете.

Учениците кои учат преку истражување на интересни теми се среќни деца кои едвај ја чекаат следната лекција, нестрпливи да откриваат нови „тајни“, ослободени од притисокот на учењето за оценка и целите кои имаме задача да ги постигнеме. Токму тоа „завиткување'' на вистинските цели на часот (незвисно за кој предмет станува збор) овозможува успех во постигањето на целите, интерес кај децата, нивна максимална активност, нивна посветеност и партнерство за учење.  
Било која тема „преведена“ „на јазик“ за соодветна возраст, може да биде вистинска тема за радост и учење
Ако ја поттикнеме љубопитноста на дечињата за време на часовите... успешната реализација на целите е секогаш загарантирана. 

Еве да погледнеме и некои очекувани резултати од различни одделенија и предмети... ги пишувам онака, како случаен избор, за да процениме колку многу прилики за вметнуваме на „љубопитни“ теми имаме при креирање содржини во рамки на редовните часови:

(Што се однесува до целите и очекуваните постигања од ЛИКОВНО ОБРАЗОВАНИЕ...нема потреба ниту да зборуваме, колку едноставно можат да бидат поврзани со „љупопитни“ теми.)


Самостојно пишува зборови и кратки реченици (Пример- Покажуваме слика од Розево езеро во светот, појаснуваме дека навистина постои...ги предзивкуваме да запишат зборови и реченици поврзани со сликата, нивните емоции, прашања, мисли, што би правеле кога би биле таму..) Дополнува испуштени зборови во реченицата; ( Можеме да им поделиме наставни листови на кои сме напишале краток текст од некоја „љупобитна тема“ која сме ја разговарале за вовед...Нивната задача ќе биде да ги најдат нашите грешки и да ни помогнат да ги поправиме.) Препишува текст од печатни со ракописни букви; (Дали овој текст може да биде легенда или краток текст со податок кој објаснува на пример, кој го измислил сладоледот?) Самостојно составува и пишува реченици по дадени слики или предмети; Правилно употребува голема буква на почетокот на реченицата и во личните имиња; Ги препознава интерпукциските знаци и ја знае нивната функција; Се оспособува за читање во себе; (Чита во себе за да ја открие „тајната„ зошто Кинезите јадат со стапчиња). Одговара на прашања во врска со содржина. Слуша говор и да учествува во разговор за определена тема. Писмено и усно раскажува доживеан настан (Нашите лични приказни кои сме им ги пренесувале често се одличен „патоказ“ за пример.) Го дели зборот на слогови (Извадоците од „љубопитни теми“ содржат зборови погодни за делење на слогови, а воедно и за богатење на речникот) Разликува  конкретни и апстрактни именки ( Можеме да си играме „Патување на пустиот остров’’..темата е погодна за да во неа зборуваме за тага, возбуда, страв, воздух, лето, денови од неделата...) Разликува род и број кај именките (Изводливо со различен вид на текстови од различни теми) Користи описни придавки при писмено и усно изразување. Знае дека заменката е како збор кој заменува лице ( Теми побрзани со личности од историјата, научници...) Правилно пренесува дел од зборот од еден во друг ред, правилно користи наводници, правилно користи употреба на голема буква, правилно пишува броеви со зборови, известува за доживеани настани, самостојно составува текстови. Ги разликува сложените реченици од простите реченици; Составува сложени реченици; Прераскажува текст со уметничка и научно-популатна содржина;

 

Користи децимални записи  за запишување на резултатите од мерењето. Пресметува временски интервали. Измислува приказна со броеви за пресметки, вклучувајќи ги во контекст мерните единици. Наоѓа половини, четвртини, третини, петтини, осмини и десетини на форми и природни броеви. Наоѓа дропка од група мали предмети. Мери, ги запишуваат мерењата во mm и cm како децимален број. Одредува кои мерни единици можеме да ги користиме за мерење на...

Избира и користи стандардни мерни единици и нивните кратенки за проценка, мерење и запишување на должина, маса и зафатнина и ги користи за креирање и решавање проблеми.

Знае да ги користи врските помеѓу познатите единици. Претвара од милиметри во литри и милиметри, и од литри и милиметри во милиметри..Смислува свои тврдења за кои смета дека се точни. Ги проверува со мерење. Измислува приказна за поставена задача, вклучувајќи ги во тој контекст и парите. Претвара поголеми во помали мерни единици. Пресметува временски интервали во денови и недели, месеци, години. Опишува настан користејќи го јазикот на веројатноста. Усно и писмено  го образложува начинот на решавање и размислување;поставува хипотези (претпоставки) и ги проверува.  

 
Значи... кој треба да биде љубопитен? 
Јас би рекла- Сите ние...
Во секое време и што поскоро, тоа подобро.

И ајде токму сега да започнеме со работа. Што ќе истражуваме прво?
Се разбира....ТАЈНАТА НА СФИНГАТА. 

Еве неколку интересни линкови за почеток 

http://hybread.mk/1tajnata-na-sfingata/

https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A1%D1%84%D0%B8%D0%BD%D0%B3%D0%B0

*Биди љубопитен родител, учител, дете. Светот е волшебен на милион начини. Добро ни дојде во нашит свет на

 *СЛОБОДНИ АКТИВНОСТИ ЗА ЉУБОПИТНО ИСТРАЖУВАЊЕ и АКТИВЕН ОДМОР

* Теми, содржини, активности, игри во функција на унапредување на навиките за ЧИТАЊЕ и вештините за читање со разбирање. *Инспирираат понатамошно интегрирање со наставни цели и реализација на програма која воедно развива сензибилитет кон светот, емпатија, рушење на стереотипи, дивергентно мислење и позитивна клима за учење.