Средбата со тогашниот Претседател, д-р Ѓорѓе Иванов, се случи во претседателската вила на Водно,некаде година дена после доделувањето на признанието за еден од 50 најдобри едукатори во светот.
Веќе беше запознаен со моите методи на работа, патот на успехот, наградите и наместо прераскажување на раскажаното, зборувавме за образованието во иднина... за студентските денови и одлуките за идни професии... за образованието во времето кога сме растеле и образованието денес... Раскажував и јас на слични теми и не паметам како, случајно, стигнавме до темата СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ.
Му раскажав колку мене ми помогнале... за соработка со колеги, за споделување на трудови и искуства, за учење од искуствата на други супер едукатори. Потоа го прашав што мисли тој за тоа, колку често ги користи, колку време во денот е „таму’’...
Се согласи со моите примери за позитивна придобивка, а потоа ми раскажа лично искуство. Иако во тие моменти на моја длабока ЗАЉУБЕНОСТ и ЗАВИСТ од социјалните мрежи, пораката ја сфатив, признавам дека „емотивно“ не ја прифатив. Дури и си мислев во себе... Зошто вака размислува??
Поминаа повеќе од 5 години... Не паметам колку пати сум се нашла во ситуација да помислам на разговорот. Не дека сум конечно за петка за примена на веќе сега сфатеното, но сепак, напредувам. Не ги паметам оригиналните зборови и реченици, но добро го паметам контекстот на разговорот...
- Да, од една страна социјалните мрежи се
навистина добра прилика за сите нас... но, штом влезеш таму, дури и кога си планирал да ѕирнеш
малку, остануваш долго... Читаме информации кои се предмет на наш интерес,
потоа и следни кои случајно ќе ни се појават и ни ја будат љубопитноста. И така
„таму“ поминуваме време кое инаку би можело да биде наше време, за
творење нешто наше, лично, авторско, нешто за што ни треба сериозна
концентрација и време, нешто што сме започнале и ни значи... да му дадеме прилика, да го размислиме со бистра глава, ослободена од влијанија, од надворешно
предизвикани емоции, насоки, мотивации...
Вака
некако ми раскажа, зборувајќи во прво лице.
- Замисли што се би можел да направиш доколку
денес останеш подалеку? - вака
некако звучеше неговиот заклучок, искажан реторички, ниту малку со намера да
наметне став.
Се замислив додека слушав, но во мене живееше дел кој вешто „си правеше математика“ и вагата ми тежеше на страната на позитивните придобивки од моето „киснење“ на Facebook... Јас бев убедна дека од „таму“ можам СЕ и многу!
За да сфатам колку тоа мое СЕ и МНОГУ не е толку реално мое Се и МНОГУ, а е голема жртва за сметка на друго мое СЕ И МНОГУ до крај... ми требаше време и искуства, а од
разговорот до искуствата навистина помина малку, а сепак многу.
И
да, Facebook
е навистина добра прилика за сите нас... но да... остануваш
таму долго, читаш објави, мислење споделено во коментари, се вклучиш со свој
коментар, потоа следиш колку личности се согласиле со тебе и кој што коментирал
после тебе. Случајно ти се појавува нешто трето... можеби нешто и ќе ти го
расипе раположението, но дури и да е нешто што ти се допаѓа ти продолжуваш да
истражуваш во таа насока... и така влегуваш од едно во друго...
Тоа е, човекот е љубопитно суштество и
тоа е добро, се додека умее да си го контролира времето поминато “тука’’... Јас
тоа не умеев.
Потоа објавуваш и ти нешто што ти е интересно, драго или важно според тебе. И се навраќаш да за погледнеш лајкови, па со нив да бидеш среќен, или незадоволен, доколку не се исполнило твоето очекување за поддршка. Те интересира дури и кој лакувал. Се прашуваш каде е „тој и тој“ затоа што веруваш дека заслужуваш негова поддршка... Тој се прашува каде си ти, ако случајно пропуштиш нешто негово... Таа потреба од ваков вид на поддршка, како да стана дел од нашите редовни човечки потреби. Потоа емоциите сами ти се нижат, сам си ги предизвикал, сам си се изложил на нив... и отиде денот...
Не, не значи дека сме „смешка од луѓе’’ затоа што го правиме тоа... Социјалните мрежи се градени од професионалци кои умеат да „заведуваат“ на ваков начин смислено и насочено, но сепак има нешто друго што сеуште зависи од нас, а јас решив да ја искористам токму таа прилика за „самоуправување“ со себе си... па можеби ќе успеам...
Сфатив дека од мене зависи дали ќе научам да правам баланс помеѓу активноста „таму“ и мојот
живот надвор од дигиталниот профил. Да одлучам кога е „ден“ за социјално
„дружење“, лајкување, коментирање, информирање, а кога треба да биде мој “ден“,
ден за моите мисли, за луѓе околу мене, за мое творештво, за мислење на своите
идеи со своја глава... сето тоа оставено на самата јас...
Дали Вам Ви се случило да си подарите себе си ден без Facebook? Мене сега ми се случува често. Срамота ќе биде да се пофалам дека ми оди одлично, затоа што тоа ќе значи дека лажам, но ми оди доволно добро за да кажам од срце:
- Дозволете да ви се случи!
За почеток, научив дека Фејзбук не
треба да ми постои додека сум на прошетка, на вечера или ручек со најблиските
или пријателите... а фотографиите кои
сакам да ги споделам од тие мигови... и за нив има време покасно во денот или утре. Сигурно нема да побегнат од мојот телефон, ниту од тоа ми зависи „животот“. (А ги сакам таму, ми се чуваат како во албум, радост ми се...Можеби ќе научам да се откажам и од ова и наместо споделување таму да си правам вистински албуми како оние од нашето детство, но се уште не сум стигнала до таа лекција)
Паметам дека дури и за време на
конференции каде имав обрска да бидам фокусирана во улога на организатор или
предавач, јас се сликав (тоа и сега
би го правела) но и „трчав“ да ги објавам фотографиите заедно со пригоден текст,
како тоа да беше најважно во моментот. Уште и ако немаше добар интернет... ете ми
причина за дефокусирање. Па уште и ако заборавев некој на кој би било убаво да
му се заблагодарам за некој вид поддршка или помош, тогаш во паника барав
„едит“ за да дополнам, затоа што веќе ме читаат. Потоа нормално, “ѕиркав“ колку ви
се допаднала објавата. Тоа е она што го зборував пред малку... Се навикнавме на потребаа од таа поддршка од
околината... И ми се чинеше нормално, оправдано.
Но,
не е нормално драги мои. Нормално е да
дозволиш да бидеш фокусиран на она што го правиш и со тоа да го намалиш
стресот... или возбудата (сеедно како ќе го именуваме)
Никогаш
нема да заборавам на СВЕТСКИОТ ФОРУМ во БАРСЕЛОНА. Мојата соба беше високо, не паметам
на кој кат, но таму интернетот беше многу слаб (зборувам за пред некаде 8
години) Паузите за одмор ги поминував во приземјето на хотелот, за супер
интернет врска, седната на некое столче, па дури и на подот, ако немаше место,
затоа што на сите како и мене, најважна им беше „врската“ а не малку мир во собата,
ниту убавините на Барселона и плажата за прошетка преку патот!
Сега секоја моја пауза е поинаква.
Дури и околината на објектот може да ми биде доволно интересна за истражување,
доколку имам малку време, независно каде сум, особено кога не сум организатор
кој во паузите има обврски околу следните сесии.
Но дури и на последните конференции во улога на организатор навистина се гордеев
со себе си, токму заради тоа што сфатив дека конечно научив што е важно и во
кое време. Да, сеуште ми беше важно да се сликам (колку и да е смешно, си
признавам, ете тоа ми е некоја омилена „зараза“)... но објавата на тие слики сега знае да ми
доцни дури и неколку денови, заедно со љубопитноста да дознаам што сте правеле
во меѓувреме во вашиот живот, или кариера.
Научив
и дека за време на ексурзиите, посебно кратките, навор од земјава, не е важно која е лозинката за интернет во
кафичот каде пиеме кафе за пауза и одмор, а особено не секоја лозинка во
секое едно место каде ќе проценам дека можеби има интернет. На почетокот
оправдување ми беше контакт со домашните, доколку не беа со мене... но и за тоа
има време во денот (а впрочем дури и кога беа со мене исто постапував) Потоа
продолжуваш со објава на слики, истражување на туѓи објави и понатаму знаете...
зборувавме.
Сега
знам дека поважно е да разговараш, да гледаш љубопитно наоколу, да правиш план
за остатокот на денот и местата кои сакаш да ги посетиш... Да бидеш навистина
таму, во целост и за цело време. Обиди
се и ти да не ја бараш лозинката во секое место, доколку потребата не е
поврзано со реална потреба да се слушнеш со семејството во тој миг.
А ако денес направам план за утре
изутрина, а тој план вклучува да
повикам пријателка и да отидам на кафе или прошетка, или да си го посетам татко
ми, јас тоа утро кафето ќе го пијам подалеку од телефонот. Зошто?
Затоа
што не еднаш ми се случувало да „заглавам“ „таму“, а потоа се друго да стане
неважно и денот да ми замине во сосема друга насока. Сум одлагала кафе на Широк Сокак со сопругот, сум доцнела со тостот за појадокот на синот, сум се чудела како е можно да поминало утрото и да стигнало време за правење ручек...сум зафатила две мемории на персонален комјутер затоа што немам време да си ги средам моите работи кои ми се важни па само сум ги трупала, сум пиела кафе со семејството со очите и вниманието во телефонот... сетоа тоа, само за да бидам „во тек“... Нели звучи глупаво од моја страна?
Сега, дури и со објавите и
коментарите за споделување мислење, критика совет... се учам да се
самодисциплинирам, колку што можам... Еве зошто:
Да, социјалните мрежи мене ми помогнаа своевремено, но повеќе таму не е исто. И не зборувам за она НОВО Корона- нормално што го зборуваат... зборувам за она наше нормално-ненормално кога имаш куп пријатели од кои половина се тука, на твојот профил, за да бидат во тек што правиш... а да можат со голи раце би те задавиле... А ти ги оставаш да ти бидат „пријатели“ бидејќи ќе бидеш простак испод ниво, ако ги тргнеш, или не дај боже блокираш. Па сите сте „среќни“ заедно. Да објавиш нешто „лошо’“... во смисла- критички настроено, со цел да скренеш внимание на важни теми, затоа што нели велиме дака секој поеднинец може да направи промена, а “масата’“ од друга страна редовно бара некој да дигне глас во име на сите и за добро на сите... е тогаш бројот на лајкови не е ист со оној на сликата на која претходно си ја сликал чашата за живели и си се тагнал во некој ресторан, или на објавата со материјали за наставен час што си го споделил за помош. Во овој случај ПРИЈАТЕЛИТЕ “пресметуваат“ колку им се исплаќа да се „појават“ со поддршка на ваква тема, иако ги допира и самите... Ќе ти пишуваат во приватни пораки да продолжиш напред (демек има напред ако нема „војска“ околу тебе) и со тоа ќе сметаат дека ја подмириле својата должност, или желба да те испочитуваат. Логично... затоа што денес лесно можеш да бидеш сфатен како политички играч штом зборуваш или лајкуваш непријатни теми... а жално е што велам дека е “логично“, затоа што тоа е далеку од секоја нормална логичност која би постоела во нормален свет во кој вистината би донела подобро утре за сите кога би покажале сплотеност, тогаш кога е потребна.
Е
зошто тогаш јас би „постоела“ таму јасно
и гласно воопшто? За да си „отворам работа“ да ме „боли глава“ а вие да „пресметувате'' кога ви се исплаќа да ме лајкувате, а кога не?
Еве денес читам... Еден пријател објавил нешто. Паметен човек, секогаш бил паметен и на страна на вистината и без политика... Споделувана објавата 69 пати, 193 коментари, а во нив војна. Некои го бранат, некои го напаѓаат, а оние кои не чуле за него (иако не е вчерашен, ниту анонимец) дури и дипломата би му ја искинале велат( а се кладам дека немаат ниту слично заслужена колку неговата)
Поентата ми е... Зошто си отворил уста пријателе? За кој? За овој наш народ, силниот на Facebook? Уште и ќе се „испили“ некој нов во некој „сектор“, па ќе смета дека ти си нов, а не тој, и ќе прашува кој си ти да зборуваш на таа и таа тема! А другиве... да... неколку храбри на твоја страна, а другите со „главниот“! Не си сега интересен ти за да се „гине“ за тебе, има нов „важен'.
И така... учиме од свои, учиме од туѓи пример. Важно е барем да научиме нешто.
А
зошто еве јас би постоела таму дури и за други теми, ако едноставно сакам мир и имам
друга занимација? Затоа што се очекува јас да бидим секаде со дела и мислења? Тоа не ми е доволно повеќе...
Еве на пример гледате колку се сите ангажирани на тема ОНЛАЈН настава ИЛИ НЕ... па колку „препукувања“ па колку мислења, колку различни групи...дел групи почнале со една идеја и бранат еден став, а потоа се „претопуваат“, стануваат другите и обратно... Па сега новата тема на „препукување“ е зошто и како конрена група оди во друг правец, а не во оној кој собрал илјадници приврзаници...
Ме нема...Молчам... Се „појавив“ во кометари неколку пати затоа што уште не донаучив дека треба да молчам до крај во име личен мир. Навистина се уморив од СЕ изминативе години, а најмногу од тоа да ме користи кој ќе стигне кога нему му чини... Не ми значи повеќе да се залажувам себе си дека сум некој Facebook лидер. Си сакам мир. Доволно бев ентузијаст во оваа држава која не умее да почитува. Кој од „големите“ еднаш послушал мој совет? Дури и да слушнат добра идеја веднаш таа завзема нова форма од која „ти“ си исклучен и небитен понатаму, освен кога ќе загусти... А тоа што народот поделен на две страни ќе ме напаѓа или брани за ставот што го имам доколку го објавам...и тоа ми е многу, јас си сакам мир ова лето.
Си има МОН паметни вработено кои треба да си смислат паметно решение. За тоа се платени. Која сум јас да ја работам нивната работа? А колку сработија....гледаме и се чудиме сите. Само напред во овој резил на отепано време! Моето време не го заслужувате повеќе. Си знаете добро зошто.
Денес е вторник, попладне... Сеуште не
знам што сте правеле, каде сте биле, што се случува на вестите. Не затоа што не
ве сакам или не сакам да бидам во тек со случувањата околу вирусот и слични
информации... затоа што избрав дека денес сакам свој мир, свој ден...
Можно
ли е да не правиме ништо посебно, а сепак да останеме без телефонот во раце?
Ајде
да се обидеме...
Ако ти е тешко или ако ти треба „вентил
за тишење“, или можеби предизвик со кој ќе се предизвикаш себе си... си пишуваш
книга и тоа си е нешто твое. Таму
нема кој да ти лајкува, или дислајкува. Ќе може да ја прочита ако е љубопитен,
а и воопшто не мора.
Додека
јас и ти споделиваме идеи и мисли, некој паметен пишува книга која ќе остане
зад него со деценени... Размисли за ова, јас размислувам...
А
сега морам да одам. Планирам каде ќе го поминам утрешниот ден со моето
семејство.
За
почеток е доволно да заборавиш на телефонот, утре додека пиеш кафе со
пријателите, или користи го за сликнување спомени и веднаш потоа во ташна!
Ти
изгледа смешно?
Обиди
се! Ќе зборуваме потоа... За квалитет на вистиснкиот живот твој и мој се работи.
(нешто лично, од дневникот на учителката Весе)

