Сите ја знаеме реченицата "РАЗМИСЛУВАЈ НАДВОР ОД КУТИЈАТА" (Thinking outside the box)
Но од каде потекнува?
Сум читала и други објаснувања, но за време на конференцијата во Абу Даби ( World Education Summit) слушнав интересна приказна за потеклото на оваа изрека:
Дедото и сандацитеСи бил некој дедо кој неколку пати во неделата ја поминувал границата и одел во соседната држава со магаре. Магарето било секогаш натоварено со тешки дрвени кутии, но сите кутии биле празни.
Сепак контролорот за влез никогаш не пропуштил да го натера дедото да ги слезе кутиите од магарето и да ги отвара една по една за да покаже што има внатре.
И така со години.
Кога контролорот се пензионирал, случајно во некоја кафана се сретнал со дедото и го прашал:
- Да те прашам, но те молам искрено да ми кажеш...еве сега сум во пензија, немој да се плашиш. Што пренесуваше и продаваше скришно со години преку граница? Кутиите секогаш ти беа празни, но мора да имаше нешто скриени во некоја преграда...Сигурен сум...
- Продавав магариња- одговорил дедото, се насмевнал и заминал.
Затоа е важно да размислуваме ,,надвор од кутијата", подалеку од она што ни се чини очевидно.
ЗАПОЧНИ ГО ДЕНОТ СО СПОДЕЛУВАЊЕ НА ПОЗНАТА МУДРА МИСЛА и разговор за нејзиното значење.
Ајде да направиме и КУТИЈА НА МУДРИТЕ МИСЛИ која ќе ја надополнуваме постојано.
Мудрите мисли се корисни за секоја возраст на ученици, особено ако навлеземе во пораките кои ги пренесуваат и потоа да најдеме примери од секојдневниот живот низ кои можат да бидат применети.
На овој начин овозможуваме омилени вежби за читање со разбирање, вежби за пишување и читање латиница и кирилица, унапредување на свеста за себе и своите постапки, за околината и ние во интеракција со неа...
